Во Македонија карате спортот се вежба од 2 Септември 1967 година кога Проф. Атанас Кајчевски и Сејдо Теофиловски го одржуваат својот прв час во салата на "Партизан 3" во Скопје. На првиот час присуствувале точно 117каратисти. Нивни први ученици се: Проф.Венцислав Недев, Др.Александар Караѓозов, Драган Савиќ-Џоле, Димче Кичевски, Димче Јанковски, Ѓорѓи Поп Николов-Чебаско, Драган Стојановски, Владимир Бошков, Исмет Мехмети и други.

Од оваа прва генерација на каратисти од Македонија само Проф.Венцислав Недев до ден денес активно се занимава со каратето како тренер, селектор и Меѓународен инструктор и судија, моментално е Генерален секретар на Македонската Традиционална Карате Федерација (МТКФ) како и Ген.секретар на Балканската Традиционална Карате Федерација (БТКФ).


Набргу се отвараат повеќе карате клубови и секции во Скопје, а потоа и низ републиката
прв клуб официјално регистриран во Македонија е Карате Клубот Работничкиво 1968 година. Првото републичко првенство е одржано истата 1968 година, а истата година Македонските каратисти се појавуваат и на првото официјално сојузно државно првенство на Југославија во Белград, од каде Венцислав Недев и Владимир Бошков се враќаат со првите медали освоени за Македонија ( две бронзени медали во тешка и полутешка категорија во кумите).

 

Проф.Венцислав Недев е избран за прв државен репрезентативец од Македонијаво Југословенската карате репрезентација кој зема учество на тримечот (Југославија, Австрија и Италија) во 1976 година во Велење-Словенија. Првиот освоен златен медал за Македонија во јуниорска конкуренција во кумите го освои Ибрахим Куртиш член на КК Работнички-Скопје на Државниот шампионат во Нови Сад 1979 година.


Почетоците на карате спортот
во Македонија се под менторство на легендите на Југословенското карате браќата Владимир и Илија Јорга, кои за првпат го донесоа каратето во Македонија и се најзаслужни за почетоците и развојот на карате спортот во Македонија. Браќата Јорга и ден денес се активни и најбарани карате инструктори како во Европа така и во Светот,  Др.Владимир Јорга моментално е Претседател на Европската Традиционална Карате Федерација(ЕТКФ), а Др.Илија Јорга е творец на Фудокан Карате стилот во светот и Претседател на Светската Традиционална Фудокан-Шотокан Карате Федерација. Понатамошниот развој на карате спортот во Македонија се заснова и од присуството на следниве Јапонски и Европски инструктори кои водеа семинари во Македонија: сенсеи Таиџи Казе 9 дан, шихан Хидетака Нишијама 10 дан Претседател на Интернационалната Традиционална Карате Федерација (ИТКФ), сенсеи Хироши Шираи 9 дан тех.директор на (ИТКФ), шихан Илија Јорга 9 дан (СТФШКФ), сенсеи Владимир Јорга 8 дан (ЕТКФ) и други.Најголема  заслуга за соработката со јапонските инструктори во Македонија има Проф.Венцислав Недев.

 

Карате сојузот на Македонија на почетокот функционираше како Пододбор на Џудо сојузот на Македонија, а од 1974 година КСМ функционира како самостоен сојуз во Македонија член на Карате Сојузот на Југославија, кој во тоа време беше член на Светската ИАКФ и Европската ЕАКФ Федерација, денешни ИТКФ и ЕТКФ. Прв претседател на Карате Сојузот на Македонија беше Цветан Цветановски , а потоа следуваат: Богдан Муратовиќ, Крсто Павловски, Александар Нацевски, Миле Цветановски и Елена Пенџерковски (актуелен претседател). Денес во Македонија се регистрирани повеќе од 100 клубови во кои тренираат околу 15.000 млади каратисти. Се проценува дека во Македонија до денес тренирале преку 100.000 каратисти. Прв освоен златен медал во борби екипно за Македонија од ЕАКФ Европско Првенство во Белград 1978 година освои Мирче Опеловски член на КК Работнички. Прв освоен сребрен медал во кати за Македонија од ЕАКФ Европско Првенство за јуниори-ки во Сион, Швајцарија освои Лујза Гашева членка на КК Работнички.


Македонската Традиционална Карате Федерацијата, која ги обединува сите карате клубови кои тренираат традиционално карате е членка на Балканската БТКФ (од 1998 Белград -Србија), Европската ЕТКФ (од 1992 Лоѓ - Полска) и Светската ИТКФ (од 1992 Монтреал - Канада) Карате Федерација.
Во периодот пред осамостојувањето на Македонија, повеќе клубови од Македонија успешно се натпреваруваа во првата  карате лига на Југославија.
Најголема заслуга за формирањето на Првата Југословенска лига  има претседателот на КСМ Полковник Богдан Муратовиќ и селкторот на КСМ Проф.Венцислав Недев кој беше и сеуште е активен тренер во Карате клубот Работнички, Скопје кој клуб беше и организатор на првите кола од новоформираната прва сојузна Југословенска лига. Во првата лига најголеми резултати постигна Карате Клубот "Работнички" (Скопје) на чело со тренерот Проф.Венцислав Недев и неговите најдобри ученици во тоа време: Мирче Опеловски, Јорго Огненовски, Назим Куртовиќ, Лујза Гашева, Братислив Алијевиќ, Маџар Игор, Гоце Јанковски ,Кирил Ивановски,Куртиш Ибраим, Сафет Никочевиќ, Филип Филиповски и други, кои беа членови на Југословенската репрезентација и носители на голем број медали од европски првенства,купови и турнири.


По осамостојувањето на Македонија, првиот меѓународен натпревар
на кој Македонската репрезентација во Традиционално Карате зема учество е (ЕТКФ) Европскиот Шампионат во Лоѓ, Полска во 1992 година каде што за прв пат нашите репрезентативци настапија под Уставното име и знаме на Република Македонија. Делагацијата броеше 4 лица и тоа: Проф.Венцислав Недев, како тренер, селектор и судија, Миле Цветановски - Претседател, Елена Лазаревска-Пенџерковски и Гоце Крстевски репрезентативци на Мекедонија. За прв пат на (ИТКФ) Светско Првенство Македонија учествуваше во Монтреал, Канада во 1992 година, од тогаш наваму, Македонските карате репрезентативци учествуваат на сите официјални Балкански, Европски и Светски шампионати.


Прв освоен Европски медал за Македонија
во сениорска конкуренција во екипно борби  е освоен на ЕШ за сениори во Тревизо, Италија 1993 година, под водство на тренерот и селектор Проф.Венцислав Недев, во составот на екипата беа: Јовица Ивчев, Љупчо Иванов, Зоран Стојковски и Боре Видевски.Најголеми резултати од осамостојување на Македонија до ден денес во поединечна сениорска конкуренција има остварено Дејан Недев освојувајќи прво место Европски Шампион во кумите на Е.Ш. во Ерусалим, Израел 2011 година и второ место во фуку-го на ИТКФ светскиот Шампионат во Саскатун, Канада на 7ми. Октомври 2006 година, а во екипна конкуренција најголем резултат е остварен во екипно кумите на ИТКФ светскиот Шампионат во Белград, СЦГ на 12 Октомври 2002 година, во екипата беа: Дејан Недев, Аљоша Недев, Благојче Андреевски. Прв освоен бронзен медал во фуку-го во сениорска конкуренција за жени освои Мерсиха Беговиќ на ИТКФ С.Ш. во Варшава, Полска во 1998 година, а Јадранка Недева на ЕТКФ Европскиот Шампионат во Москва, Русија 2002 година го освои првиот бронзен медал во фуку-го за жени во сениорска конкуренција . Сите останати постигнати резултати на Македонските каратисти од осамостојувањето па наваму се наоѓаат во рубриката освојувачи на медали. На СШ во Каиро, Египет 2014 година, Аљоша Недев и Јадранка Недева ги освоија првите златни медали во кого-кумите, а во дисциплината ен-бу Аљоша Недев и Матеј Ангеловски го освоија исто златниот медал, Дејан Недев освои 3 сребрени медали и тоа по еден медал во кати поединечно и екипно и во кого кумите. На СШ во Копер, Словенија 2015 година Дејан Недев стана првиот светски  шампион во фукуго.